Достапни финансии за развој на бизнисите на жените

Жените претпримачи да ги искористат можностите за зголемување на продуктивноста, конкурентноста и квалитетот на фирмите со финансии преку тековната Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), порачуваат од Сојузот на стопански комори (ССК) кои имаат соработка со носителите на Програмата за нејзина успешна реалзиација.

На фирмите може да им бидат одобрени средства за изработка на бизнис план, апликација за конкретен финансиски инструмент, за развој и за инвестициски план.

- Од сите претпријатија во Македонија 30 проценти се во сопствеништво на жени, но 99 проценти; од нив се микро или мали претпријатија. Тоа покажува дека голем дел од овие компании не го искористиле својот потенцијал за раст и развој - рече денеска на прес-конференција Жаклина Гештаковска Алексовска, експерт за родови прашања во рамки на Програмата IME.

На првиот повик за Програмата четири компании членки на ССК, раководени од жени, добиле поддршка за финансирање на процесот за подготовка за аплицирање за различни производи и услуги наменети за бизнис-секторот и се стекнале со потребните информации и експертиза за добивање средства од достапните фондови.

- На компаниите им овозможивме консултантска поддршка за да можат да го планираат својот развој, да аплицираат на некоја од програмите за поддршка на бизнисите, некои од нив да почнат производство, некои да го развијат на нови пазари и тоа ќе продолжиме да го правиме и понатаму - рече Гештаковска Алексовска.

Услугите што им биле понудени на фирмите, посочи, имаат резултати, односно седум ја зголемиле продажбата, а четири имаат подобар пристап до финансии.

Според извршниот директор на ССК, Александар Зарков, компаниите имаат потреба од стручна експретиза со цел поголемо искористување на достапните средтсва.

- Нашиот фокус во следниот пероод ќе биде насочен кон презентација на сите достапни програми за финансиска поддршка за натамошна успешна апликација и добивање средства за осовременување и развој на што поголем број компании - рече Зарков.