Информација

По денешниот состанок,членовите на Управниот одбор на Институтот на сметководители и овластени сметководители, ја дава следната изјава која ќе биде корисна за членовите на Институтот, корисниците на книговодствени услуги и пошироката јавност:
Институтот на сметководители и овластени сметководители е здружение кое делува по примерот и праксата на светски познати асоцијации и институти, а делува во заштита на своите членови сметководители и овластени сметководители во Република Македонија.
Што се однесува до Вашето прашање поврзано со превисоките казни и моќ, можеме да Ве информираме дека се работи за здружение кое, согласно Законот за вршење сметководствени работи - „Закон“, не му е дозволено да има моќ ниту да биде инспекциски орган. Раководејќи се од меѓународните препораки и искуства една од најважните активности во нашата професија е контролата над квалитетот на работењето при вршењето на сметководствените работи, за што се организирани бројни расправи, обуки и работилници на кои беа презентирани искуствата на институти слични на нашиот, но со искуства на некои од нив и до 150 години, како што е Институтот на сметководители на Ирска и Јужен Велс. Сето ова е од особена важност заради обезбедување на соодветен квалитет при изготвувањето на финансиските извештаи и правилна примена на прописите од областа на фискалната политика на државата. Познато ни е на сите од каква важност се овие извештаии и тоа како за корисниците на нашите услуги така и за општествената заедница, државата, банките и инвеститорите. Важно е да се спомене дека над работењето на Институтот, надзор врши Министерството за финансии. Во секоја постапка дозволена е двостепеност но и заштита на правата пред надлежните судови.
Што се однесува до прашањето поврзано со Актот, можеме да Ви појасниме дека: Не се работи за нов акт, туку се работи за донесување по прв пат акт за утврдување на надоместок, кој ги опфаќа трошоците на работењето на секој вршител на дејност – книговодствени односно сметководствени работи. За да може да се донесе овој акт направени се опсежни анализи во траење од 6 (шест) месеци и спроведени низа јавни расправи на кои беа повикани сите сметководители и останати заинтересирани лица и субјекти од целата Република и тоа во соработка со најрелевантните организации како што се: Сојузот на сметководители на РМ, Сметководствената комора на сметководители на РМ, Сојузот на стопански комори на РМ, Регионални сметководствени комори и здруженија на сметководители во РМ кои ги претставуваат сметководителите како лица – поединци и како субјекти, друштва за вршење сметководствени работи или самостојни вршители на дејност.
Поедини негативни реакции од сметководители, се од најголем дел од лица кои нерегистрирано вршат дејност, а сега е потребно да го регулираат своето работење согласно Законот за забрана за вршење на нерегистрирана дејност и Законот за вршење сметководствени работи.