НБРМ: Оцените за стабилноста на економските основи остануваат позитивни

„Оцените за стабилноста на економските основи остануваат позитивни и остварувањата кај клучните варијабли на монетарната политика се во рамки на очекувањата. Ризиците од домашните политички случувања и понатаму се присутни и изразени, а и ризиците од глобалното окружување остануваат актуелни", се наведува во соопштението на Народната банка на Република Макеоднија, објавено по одржување на редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика, на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
„На седницата на Комитетот беше одлучено дека и покрај солидните економски фундаменти, а со оглед на сѐ уште присутните ризици од домашните политички случувања, каматната стапка на благајничките записи да се задржи на непроменето ниво од 3,25%. Воедно, со оглед на стабилизирањето на потенцијалната ликвидност на банките беше одлучено на аукцијата којашто ќе се одржи на 10 мај, понудата на благајнички записи да биде непроменета и да изнесува 30.000 милиони денари. И покрај политичката криза, очекувањата на економските субјекти и натаму се релативно стабилни, а позитивни се и оцените за стабилноста на економските фундаменти. Движењата на девизниот пазар се стабилни, при што на збирна основа, во првите четири месеца од годината НБРМ интервенира со мал нето-откуп на девизи. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво“, се вели во соопштението на НБРМ.
Комитетот констатира дека во однос на расположливите индикатори, априлските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен раст на инфлацијата од 1,0%, односно просечен раст на цените за 0,6% во првите четири месеци од 2017 година. Овие остварувања се резултат на цените на енергијата и на базичната инфлација, при и натаму пониски цени на храната.
„Од останатите високофреквентни индикатори, податоците за девизните резерви во април во однос на крајот на 2016 година покажуваат пад, во најголем дел како резултат на достасувањето на девизните депозити на домашните банки кај НБРМ, како и на трансакциите со привремен ефект. Сепак, сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Исто така, податоците за менувачкиот пазар од почетокот на април упатуваат на вообичаени нето-приливи од приватни трансфери. Во март 2017 година, беа остварени поволни движења и во надворешната трговија. Имено, извозот оствари значаен годишен раст од 21,4%, при раст на увозот од 13,1%, што доведе до намалување на трговскиот дефицит за 3,4% на годишна основа“, се наведува во соопштението на НБРМ.
Од НБРМ забележуваат и дека од аспект на банкарскиот систем, првичните податоци за април 2017 година покажуваат пад кај штедењето во однос на претходниот месец. Ваквите остварувања го одразуваат намалувањето на депозитите и кај двата сектора, населението и претпријатијата, иако поумерено кај депозитите на населението во услови на зголемена неизвесност. Од друга страна, кај кредитната активност, првичните податоци со април покажуваат раст на кредитите на месечна основа, со натамошно поизразено кредитирање на секторот „население“.
„Во април, непосредно по неколку месечниот пораст, ликвидноста на банките умерено се намали, главно поради сезонски повисоката побарувачка за денарска готовина на населението, којашто е карактеристична пред велигденските и првомајските празници. На девизниот пазар беа реализирани вообичаени сезонски движења проследени со релативно пониска побарувачка за девизи од корпоративниот сектор, којашто беше делумно надоместена со зголемената понуда на девизи од менувачниците. Повисоката понуда на девизи на менувачкиот пазар главно беше резултат на сезонски ефект во текот на велигденските празници. Ваквите движења на девизниот пазар овозможија подобрување на девизната ликвидност на банките и интервенција на Народната банка за откуп на девизи од банките поддржувачи. Во втората половина од месецот дојде до засилување на побарувачката на девизи од клиентите на банките, што следствено се одрази и врз растот на побарувачката на девизи и на меѓубанкарскиот пазар“, се вели во соопштението на НБРМ.
Во текот на месецот, заради ефикасно управување со ликвидноста, банките активно тргуваа на пазарите на пари, а вишокот на средства на нивните сметки го насочуваа кон расположливите депозити кај Народната банка.
„На меѓународните финансиски пазари се чувствуваше намалената политичката неизвесност во еврозоната, но и понатаму доминираа ризици на глобално ниво. Во Франција за иден претседател на државата беше избран кандидатот Макрон, којшто има проевропски политички ставови, со што се намали неизвесноста во однос на влијанието од евентуална политичка нестабилност врз европските финансиски пазари. Со тоа, според аналитичарите, во одреден дел се зголемува просторот за ЕЦБ во однос на можното повлекување на стимулативните монетарни мерки во наредниот период. Показателите за американската економија беа во согласност со очекувањата, односно дека централната банка - ФЕД ќе продолжи со постепеното нормализирање на политиката на следниот состанок“, се наведува во соопштението на НБРМ.