регрес

Регрес за годишен одмор / К-15

Регрес за годишен одмор или познат како К-15 е задолжителен и оваа година. До крајот на декември на сметките на вработените треба да се исплатат минимални 9.610 денари.

Според податоците за движењето на нето/бруто платата по вработен, К-15 за оваа година ќе се движи од 9.610 денари до 14.090 денари.  Услов кој треба да се исполни за  регресот за годишен одмор е  работникот да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај ист работодавач, а право на регрес секој работник има еднаш во годината.

Компаниите кои не им исплатуваат регрес за годишен одмор на своите работници ќе се најдат на црна листа, слична на онаа што ја објавува Управата за јавни приходи за неплаќачите на даноци.  Сојузот на синдикатите на Македонија најавува дека таква листа ќе почне да прави од февруари следната година, кога дефинитивно ќе се знае кои фирми не го исплатиле регресот за годишен одмор во законскиот рок, до 31 овој месец.

Исплатата на регрес за годишен одмор е законска обврска која мора да се почитува. Оние кои нема да го исплатат до крајот на годинава, кога истекува законскиот рок, имаме замисла да ги објавиме на црна листа, па да се знае. Компании здружени во комори си доделуваат награди за општествена одговорност, а немаат синдикати, можеби и не исплатуваат К-15, вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

Доколку во одредена компанија се открие дека К-15 не е исплатен, првата мерка е компанијата да се задолжи тоа да го стори најдоцна во рок од 15 дена. Инспекторот по тој рок повторно прави контрола дали парите се исплатени, и ако фирмата тоа не го направила, следува казна. Таа ќе го удри газдата по џебот со дури 4.000 евра, или половина од оваа сума ако реши да плати за осум дена. Но, ќе настрада и управителот на фирмата, со 30 отсто од оваа казна.